Писма - свети Теофан Затворник

02/11/2019


Свети Теофан Затворник како црковен писател

Свети Теофан го посветил целиот земен живот на барањето на патот кон вечниот живот. Во своите дела тој им го покажал тој пат и на своите современици и понатамошните генерации.
Во своето опширно дело епископот Теофан се пројавува како значаен егзегет, морален учител и богослов на Руската Православна Црква. Според содржината, неговите дела можат да се разделат на три вида: морално - поучни, егзегетски и преведувачки.
Разновидни се предметите и содржините на творештвото на вишенскиот Затворник. Може да се каже дека речиси ниедна страна на духовниот живот не е испуштена од неговото внимателно и длабоко истражување. Но, како главна тема на неговото творештво се јавува спасението во Христос.
Како основа на создавачкиот труд на Светиот Теофан служеле скоро исклучиво делата на источните црковни учители и аскети. Неговите богословски трудови блиску и точно го одразуваат духот и карактерот на светоотечките аскетски погледи, кои биле предмет на неговото грижливо, сестрано изучување и постојано неослабено внимание. Епископот Теофан бил ,,верен и типичен продолжувач на отечката традиција во аскетиката и богословието“ ( Флоровски, Г., Патиштата на руското богословие, Париз 1939 г., с. 395).
Значајно е тоа што светоотечките погледи не биле просто сфатени и усвоени од Светиот Теофан, туку тие целосно проникнале во неговиот поглед на светот и како да се раствориле во него и образувале една нераскинлива целина. Оттука и она огромно влијание кое го изразувале погледите на Светителот врз оние кои го познавале. Само човек кој самиот проживувајќи, самиот поминувајќи низ огнот на духовниот опит, самиот станувајќи причесник на длабочините на духовниот живот, можел да зборува со луѓето со таква вдахновена сепобедна сила, која ја буди духовната енергија и раѓа подготвеност за подвизи, каква што поседувал епископот Теофан.
,,Во своите дела свети Теофан истапува како самостоен длабок православен богослов – мислител на созерцателното насочување, чии богословски поими добиле оригинална форма и своевиден систем“ (За изведување на преосветениот Теофан на степен на доктор на богословие).
Тој се грижи за тоа да ги избегнува формализмот и схоластиката, изложувајќи ги своите мисли јасно и достапно за широкиот круг читатели. ,,Сите формални термини на нашата школска наука, - пишува патријархот московски и на сета Русија, Сергеј - во умот на преосветениот Теофан добиле најживотна смисла и најбогата содржина.“ ( Православно учење за спасението М. 1895 г.).
Особено голема вредност имаат многубројните печатани трудови на Светителот за христијанската моралност. Овде ние можеме да зборуваме за него и како за голем мислител и како за богомудар подвижник, кој за раководство на другите им го предлага учењето на светите отци и личниот опит на духовниот живот.
Во своите дела преосветениот Теофан ги изобразил идеалот на вистинскиот христијански живот и патот кој води до негово достигнување. Според зборовите на професорот - протојереј Георгиј Флоровски, епископот Теофан ,,не градел ни догматски, ни морално-богословски системи, туку само сакал да ја скицира сликата на христијанскиот живот, да го покаже правецот на духовниот пат и во тоа е неговото неспоредливо историско значење“.
Во неговите дела исто така се излагаат основите на светоотечката психологија. Разгледувајќи ги душевните и духовните способности на човекот, Светителот длабоко проникнува во неговиот внатрешен свет. Ова разгледување се одликува со впечатлива сила и длабочина на самонабљудувањето. ,,Авторот како да се спушта во темнината на лавиринтите на духот и секаде успева да ги разликува префинетите пројави на моралното начело“.
Епископот Теофан во своите дела со длабока психолошка проникливост ги осветлил главните етапи на духовниот развој на христијанинот. Основната идеја на сето негово морално учење е идејата на богоопштење, која ја прави суштината на христијанскиот живот. Делата на преосветениот Теофан, полни со духовно - благодатни сили, не само што го побудуваат христијанинот на покајание, исправување и благодатно обновување во Христа туку му го покажуваат и патот на живото и реалното општење со Бога. ,,Со своите многубројни вдахновени писанија, говореше патријархот московски и на сета Русија, Алексеј (Симански), преосветениот Теофан нас н# учи на внатрешно духовно општење со Бога под закрила на црквата”.
Меѓу делата на епископот Теофан ние речиси и не сретнуваме трудови кои носат изразито догматски карактер, но бидејќи моралното учење на христијанството стои во нераскинлива врска со христијанските догми, тогаш ние во нив наоѓаме и откровение на догматското учење. Со особеноста на разоткривање на христијанската догматика кај него, се јавува јасноста на погледот на најтешките и клучни пунктови на оваа гранка на богословието. Според сведоштвото на комисијата на професорите од Петроградската духовна академија, во делата на епископот Теофан ,,некои пунктови на догматското учење нашле не само потполно и основно разоткривање, туку и такви формули кои православната отечка догматика дотогаш ги немала. Тоа е особено потребно да се каже во однос на вистините на учеството на сите три Лица на Пресвета Троица во различни моменти на нашето спасение со преовладувачко предимство на едно од Лицата на Света Троица во тој или во друг момент на нашето спасение“.
Едни од најважните животни подвизи на преосветениот Теофан се неговите значајни напори во објаснувањето на словото Божјо, кои претставуваат вредна придобивка во православната библиотека.
Епископот Теофан се смета за водечки егзегет на своето време. Во неговите дела ,,внимателниот читател наоѓа… не само с# што е потребно за потполно и јасно разбирање на свештениот текст, туку заедно со тоа наоѓа и длабоко промислено и почувствувано разјаснување на множеството разновидни догматски и осебено морално– христијански вистини, поими, прашања“.
Преведувачката дејност на светиот Теофан е недделива од неговите богословски дела. Најважен од неговите преведувачки трудови е ,,Добротољубието“ - посветено на духовниот живот на великите учители на древниот христијански аскетизам. ,,Добротољубието” претставува широко и сестрано изобразување и толкување на различни аспекти од духовниот живот. – Од најпрости забелешки до највисоки и највдахновени созерцанија, изразени со необична длабочина.
Посебен вид литерарни трудови на преосветениот Теофан се многубројните писма кои тој ги разменувал со сите кои ги молеле неговите совети, барале поддршка и благослов.
Преку своите одухотворени писма Светителот обилно ги изливал зраците на божествената светлина врз грешниот свет. Овие писма имале несомнено важно значење за оние кои ги добивале и тие биле вистинско раководство во нивниот морален живот и голема радост и духовна утеха за многу души во тешките моменти. Писмата на Светителот се значајни и поради тоа што во нив се отсликува неговата личност како учител на Христовата Црква. Содржината на писмата е разновидна, но нивниот основен тон е морално - поучен. Тие, како и книгите, содржат одговори на едно исто големо прашање - за патот кон спасението. ,,Најдобра употреба на дарбата за пишување, учел светиот Теофан, е нејзиното обраќање во вразумување и разбудување на грешникот од гревовниот сон” (,,Патот кон спасението“).
Многу ревносни монаси, претставници на интелигенцијата и на простиот длабоковерен руски народ го сочинувале големото духовно семејство на големиот архипастир. Најдобрите современици виделе во него вистински светилник на христијанството и со целата душа се стремеле да имаат духовно општење со него, кое било овозможено со допишување.
Целиот свој земен живот свети Теофан го посветил на служењето на Бога и луѓето. Тој им припаѓал на оние личности чие име било широко познато и длабоко почитувано од луѓето со различни занимања во сите краишта на православна Русија.
Како што точно забележал светителот Теофан во едно од своите дела: ,,Умрените продолжуваат да живеат и на земјата преку своите добри дела“(,,Мисли за секој ден во годината“ ). Добрите дела на епископот Теофан се, пред с#, неговите многубројни писма, кои создаваат (прават, сочинуваат) епоха во развојот на православната богословска наука.
Постојат човечки дела кои се наметнале со своето широко и сеопфатно значење, а исто така и со своето дејствување и влијание врз човештвото, простирајќи се на далечни времиња, пространства и поколенија. Постојат големи дела во областа на науката, уметноста и литературата, преку кои на нивните автори им се издигнува неракотоворен споменик. Но, сите тие дела на човечката мудрост, онолку колку што им служат на земните интереси и цели, се ограничуваат на земната привремена слава.
Делата, пак, на богоподобниот (богообразниот) човечки дух можат да распространат со своето значење и влијание во недогледно време и на многу поколенија, и да излезат од границата на дадената епоха, па дури и да се оддалечат со своите последици во далечна, недогледна и непозната иднина - привлекувајќи таму со себе души, умови и срца на луѓе кои во нив наоѓаат духовна храна, а најмногу раководство и задоволување на своите суштински духовни потреби и стремежи.
Во годината на блажената смрт на епископот Теофан (1894 г.) на страниците на ,,Црковниот весник” за него било речено дека ,,името негово нема да згасне со неговата смрт, туку со растењето на духовната самосвест во општеството ќе придобие с# поголема познатост и слава, како име на голем духовен просветител, кој умеел да даде одговори на најсуштинските прашања на духовниот живот“.
Интересирањето за личноста и делото на светиот Теофан не згаснало ни во наши дни. За тоа сведочи еден од поистакнатите современи ерарси на Руската Православна црква – Филарет, митрополитот Мински и Гродњенски, Патријаршиски Егзарх на цела Белорусија:,,Делата на епископот Теофан - пишува тој, даваат раководство за духовно устројување на животот. Тие претставуваат одговор на мноштво проблеми на неговите духовни деца, кои произлегуваат од едно – единствено прашање кое постанало, исто така, наслов на една од книгите на епископот Теофан: ,, Што е духовен живот и како тој се устројува?“ Тоа е основно животно прашање за сите времиња и тоа, исто така стои пред христијаните на нашите денови“.
Во рефератот на постојаниот член на Светиот Синод, митрополитот Крутицки и Коломенски Јувеналиј, прочитан на Помесниот Собор на РПЦ ( 1988 г.), посветен на илјадагодишнината од крштевањето на Русија, се вели:,,Епископот Теофан Затворник е канонизиран како подвижник на верата и благочестието, кој длабоко влијаел на духовниот препород на, за него, современото општество. Со својот молитвен созерцателен подвиг, чистотата на срцето, целомудрието и благочестието, сочувани во него од младоста, свети Теофан стекнал дар на опитно достигање на светоотечката аскеза. Овој опит тој го изложил како богослов и егзегет во своите многубројни трудови, кои можат да ги разгледуваат црковните чеда како практична помош во делото на христијанското спасение“.
Реки на богомудри совети и поуки, потоци на жива вода на Учењето Христово потекле од устите и срцето на светителот Теофан. Тоа е непропадлива ризница, скапоцено наследство оставено од него на синовите на Православната Црква.
Сите дела на преосветениот Теофан се преполни со благодатта Христова, со духовна сила, искреност и длабока вера, срдечна желба за спасение на секој човек. Длабок и непрекинат извор на духовна мудрост претставувал епископот Теофан. Не е случајно што неговите творенија се нарекуваат патоводителна ѕвезда за сите подвижници на богословската наука и на вистинскиот христијански живот.
Интересирањето за личноста и делото на светиот Теофан Затворник се пројавува и на православниот Исток. Во ,,Религиозно - етичката енциклопедија“, издадена во Атина, на грчки јазик, во 1965 година, епископот Теофан се нарекува еден од ,,најзначајните руски духовно - аскетски писатели на 19 век “.
Големиот авторитет на светиот Теофан во православниот свет не се објаснува само со теоретската вредност на неговото учење, туку и со практичната корист, која се пројавила во плодотворното влијание на луѓето: поради непосредното влијание на неговите дела многумина се посветувале на христијанските подвизи.
Делата на епископот Теофан добиваат посебна актуелност во нашите денови, зашто современиот човек барајќи повторно духовно раѓање може да го најде него, како и одговорот на многуте прашања на своето постоење. Светиот Теофан стои пред нас не само како аскет - подвижник на Црквата Христова, не само како почитуван ерарх и нејзин светител, туку и како еден од оние за кои светиот апостол Павле вели дека се јавуваат ,,како светила во вселената“ (Филип. 2,15).