ЦРКВА СВЕТИ НИКОЛА, СЛЕПЧЕ, ДЕМИР ХИСАР - САШО ЦВЕТКОВСКИ

19/05/2021

      Регионот на Демир Хисар, средновековниот Железнец, претставува ризница на средновековната уметност и култура, чии содржини, иако одамна се познати пред научната и стручната јавност, дури во последниве години стануваат предмет на фокусиран научен интерес. Значајна улога за интензивирањето на проучувањата на културното наследство во овој регион има „Демирхисарската летна школа“, реализирана од 2017-2019 година, во чии рамки се спроведени научноистражувачките активности за монографијата на Сашо Цветковски Црква Свети Никола Слепче, Демир Хисар, издание на манастирот Св. Атанасиј Велики – Журче, Демир Хисар 2020. Книгата брои 220 страници, од кои 96 страници текст на македонски јазик, резиме на англиски јазик – 51
страница, 121 колор фотографии и табли, како и 17 цртежи (архитектонски планови, изгледи и илустрации на архитектонска пластика). Користената литература е поместена на крајот на книгата, а отсуствуваат индекси. Студијата на Цветковски, која се одликува со методолошка конзистентност
и истражувачка доследност, претставува исцрпна и сеопфатна анализа на мирската црква Св. Никола во селото Слепче, чија изградба датира од 1867
година, а ѕидното сликарство било изведено 1884 година. Авторот, со сигурен пристап на врвен познавач на уметноста од времето на преродбата, прави темелна анализа на архитектонските карактеристики и сликарските остварувања, притоа издвојувајќи ги специфичните решенија и поставувајќи ги во поширок регионален и балкански контекст. Имајќи ја предвид хронолошката повеќеслојност на обработуваниот материјал, избран е дијахрон пристап во разрешувањето на основните истражувачки проблеми. Според вообичаената методологија за монографското третирање на византиските и поствизантиските цркви, анализите на архитектурата и на уметничките дела изведени во различни техники се направени во рамките на посебни тематски целини. Содржината на книгата е структуирана во шест посебни дела на кои им претходат Предговор и Вовед. Воведот има за цел накратко да ги претстави најзначајните сакрални пунктови во Демирхисарскиот регион и да ги соопшти позначајните студии што им биле посветени. Воедно, нагласено е културното и духовното значење на Слепченскиот и Топличкиот манастир и укажано е на ограничениот фонд на податоци со кои располагаме за животот на овие простори во средниот век. Првиот дел,Селото Слепче низ историјата, претставува исцрпна анализа на познатите/сочуваните историски извори за селото Слепче и за црквата Св. Никола. Концизно образложувајќи ги народните преданија и историските факти за основањето на селото и приликите во кои се наоѓал Демирхисарскиот регион до османлиските освојувања, авторот прави детален преглед на пишаните податоци од османлиските пописни дефтери кои се однесуваат на Слепче, а кои се најзначаен извор за демографијата и економијата на селото во периодот од средината на 15 до средината на 17 век. Од втората половина на 17 па до крајот на 19 век за историјата на селото говорат поинакви документи, сочувани во сиџилите на Битолската каза, кои говорат за задолжувањето на селаните и за средствата кои биле собирани за заштита на селото од ајдутски напади. Историскиот преглед е заокружен со образложувањето на податоците за самата црква, содржани во натписите и записите од архитектурата, фрескоживописот, иконите и
богослужбените книги, но значителни информации донесуваат и делата на старите патеписци, особено патеписот на архимандритот Антонин.
Карактеристиките на градбата се обработени во делот Архитектура (21-33), каде што покрај дескрипцијата на поединечните архитектонски елементи и градежните техники, особено внимание е посветено на декоративната пластика вградена во фасадните површини, од која се издвојуваат две плочи, на кои во релјеф се запишани имињата на градителите и годината 1867 кога била изградена црквата. Мајсторите Коста, Јован и Ангеле од Цер, се вбројуваат меѓу малкутемина мајстори-градители во Македонија кои со потпис во неколку наврати го потврдиле својот ангажман, што му овозможило на авторот со голема сигурност да ја проследи активноста на нивната тајфа, а и како нивно дело да ја определи и градбата на мирската црква во Небрегово.
Пристапувајќи кон анализа на сликарските дела, Цветковски се води според хронологијата на настанувањето на делата, поради што најпрво предмет на анализа се иконописните дела, а потоа пристапува кон проучување на ѕидната декорација. Во делот насловен Иконописот во црквата Св. Никола  предмет на научен интерес се иконописните дела од олтарската преграда, како и десетина икони кои се чуваат во слепченската црква. Хронолошка одредница на нивното настанување е годината 1867, која е содржана на поголемиот дел од иконите. Во недостиг на авторски потпис, а врз основа на особеностите на ликовниот јазик, најголемиот дел од иконите му се припишани на зографот Атанас/Анастас од Крушево. Од останатите икони кои се чуваат во црквата, а не се вградени во иконостасната преграда, најстарата датира од средината на 18 век, додека повеќето хронолошки се поместени во втората половина на 19 век и се поврзани со активноста на авторот на иконите од олтарската преграда. Програмските и иконографските решенија со
кои се одликува ѕидната декорација се опишани во делот именуван Фрескоживопис. Прегледот на фрескоансамблот на црквата започнува со сликаната програма на олтарскиот простор, која се сведува на стандардните теми за декорацијата на олтарскиот простор, по што е проследено сликарството во наосот и претставата на Страшниот суд на западната фасада. Покрај вообичаените мотиви прикажани на сводот и сцените од Христолошкиот циклус, во декорацијата на наосот се вклучени и илустрацијата на циклусот Создавањето на светот, неколку композиции кои
илустрираат старозаветни случувања и поединечни светителски претстави.
Книжевните предлошки и теолошките пораки на ѕидното сликарство се обработени во петтиот дел: Тематски и иконографски особености на фрескоживописот. Иако овој дел од студијата не е систематизиран во засебни подпоглавја, евидентна е методолошката заокруженост на анализите на посебните сликарски теми (циклуси, композиции и поединечни светителски претстави). Притоа, со цел подробно да се објаснат повеќе аспекти од иконографијата на 663 композициите, пренесени се библиските цитати кои биле основа за нивното оликотворување, издвоени се иконографските специфики, наведени се најблиските паралели и утврдена е нивната застапеност во творештвото на работилницата на браќата Атанасови. Од циклусите кои се прикажани во црквата Св. Никола особено внимание е посветено на анализата на циклусот Создавањето на светот, посветен на прародителите Адам и Ева, како и на сцените кои ги илуструраат старозаветните случувања со Судот на Соломон, Жртвата на Аврам и Вознесението на пророкот Илија, а кои
не се меѓусебно тематски поврзани. Од Христолошкиот циклус издвоени се сцените Покајанието и Смртта на Јуда и Камшикувањето на Христос како карактеристични за творештвото на браќата Атанасови. Од светителските портрети особено внимание им е посветено на претставита на св. Игнатиј Богоносец, св. Ѓорѓи Нови Јанински, св. Харалампиј, св. Григориј Палама и св. Марена.
Од особено значење за разбирањето на трендовите за прикажување на овие светители во периодот на преродбата е и проследувањето на нивниот
култ и на најзначајните сегменти од нивните хагиографии. Програмските анализи се форматирани во вид на посебно поглавје: Зографите браќата Атанасови (Анастасови) од Крушево, а по сосема краткиот осврт на ликот на Атанас/Анастас од Крушево, кому му се припишани иконите од црквата Св. Никола, разработено е творештвото на неговите синови Вангел, Никола и Коста. Синтетизираниот преглед на опусот на браќата Атанасови претставува прв и значаен чекор во истражувањето на активноста на оваа плодна работилница со кој е поставена основа за натамошните истражувања на творештвото на браќата зографи, кои своето место во проучувањата на уметноста од 19 век го заслужуваат со квантитетот на нивниот опус, а не со неговиот квалитет. Монографската студија на црквата Св. Никола во Слепче е заокружена со преглед на сочуваниот црковен мобилијар, кој е обработен во делот Ризница. Покрај неколкуте богослужбени, старопечатени книги, од кои најстарата датира од 1759 година, во црквата се чуваат два натпрестолни крста, неколку сребрени рипиди и една кадилница. Од мебелот во црквата издвоен е владичкиот престол, кој се истакнува со впечатливите апликации во вид на земејови и лавови. Монографијата на Цветковски не претставува
само заокружена студија на архитектурата, фрескоживописот и иконите од црквата Свети Никола во Слепче, туку е и значаен исчекор за проучувањето на уметничките текови од 19 век во Демирхисарско и во соседните области на Пелагонија и Кичевско. Се надеваме дека оваа книга е само првиот чекор во истражувањата на културното наследство во Демирхисарско и дека преку продолжувањето со публикувањето на едицијата од монографии на Демирхисарската летна школа, којашто ја најавува авторот во предговорот на ова дело, ќе се постигнат уште позначајни резултати во научното спознавање и промовирањето на културните, историските и уметничките вредности на Демирхисарскиот регион.

Александар Василески