50 поуки на светиот Теофан Затворник I дел

24/11/2019

  За духовниот живот

  1.   Не кажувајте: ,,Јас не можам”. Тоа не е говор на христијанин.  Христијанинот вели: ,, Можам сe' ”, но не сам по себе,  туку со Господ Кој  ни дава сила. 
  2. Смуртениот, одбивниот живот, не е живот по Бога. Кога Спасителот им кажал на оние што постат, да си ја измијат и помажат главата и да се исчешлaат, под тоа всушност подразбирал, да не бидат смуртени.
  3. Непријателот (демонот) обично дотрчува, и повторува: не им попуштај, оти ќе те повредат. Тој сака да ни наштети. Подобра заштита од повредувањето е смирената попустливост.
  4. За честото причестување не може да се каже ништо неодобрувачко. Но еднаш или два пати месечно е правата мерка.
  5. Со едно Евангелие или Нов Завет е можно да се проживее еден цел век - и секогаш да се чита. Сто пати прочитај, а таму повторно ќе најдеш нешто недочитано.
  6. За световните дела треба да се трудиме, како за задачи од Господа и како пред Господа. Кога така ќе се настроите, тогаш ни едно световно дело нема да ги оддалечи вашите мисли од Бога, но напротив ќе ве приближи кон Него.
  7. Не се спријателувај со оние што се забавуваат, туку со оние кои се бојат од Господа.
  8. Има луѓе, кои мислат дека го прошируваат кругот на слобода во своите неограничени желби, а всушност прилегаат на мајмуни, кои самоволно се вовлекуваат во мрежа.
  9. Кога ќе наиде самофалењето, тогаш соберете сe' од претходниот живот, со кое според совеста, не можете да се пофалите, и поразете ги така помислите што ве напаѓаат.

 За молитвата

  1. Ако молитвата е исправна, тогаш сe' е е исправно.
  2. Кога се молиме на Бога, подобро е никако  да не Го замислуваме, но само да веруваме дека Тој е тука: дека е блиску и дека сe' гледа и сe' слуша.
  3. Лекарите велат: ,,Не излегувај надвор на празен стомак”. Во однос на душата тоа се извршува со молитвата и со читањето”. Со нив душата се нахранува и не излегува гладна на секојдневните дела.
  4. Главно расположение на молитвата треба да биде покајанието, зашто сите ние многу грешиме.
  5. Домашните работи, можат да го оправдат само краткото стоење на молитва, но немањето внатрешна молитва не можат да го оправдаат.
  6. Бог ли не слуша? Бог сe' слуша и сe' гледа. Само што исполнувањето на твојата желба, го смета за неполезно за  тебе.

За борбата со страстите

  1. Како од оган плашете се да дејствувате според страстите. Каде што има макар и мала сенка на страст, таму не очекувајте ништо корисно. Тука се сокрива ѓаволот и тој сe' сплеткува.
  2. Не мислете, дека е дозволено слобода на мислите, чувствата, зборовите и движењата. Треба сe' да се  држи на узди, и да се управува со себе.
  3. Додека го одмарате телото не очекувајте ништо добро.
  4. Кога пиете вода, ја вадите и најмалата во неа падната мушичка; кога ќе ви влезе трн  во прстот, такашто трнот да е и едвај видлив за очите, вие се трудете да се ослободите од неспокојството што тој ви го причинува; кога во окото  ќе влезе и најмала прашинка и ви го заматува погледот, вие преземате секаков труд за што поскоро да го исчистите окото од  неа. Така поставете си себеси за закон, да дејстувате исто и во однос на страстите: во каков и мал вид тие да се пројавуваат, потрудете се да ги истерате, и тоа толку безмилосно, да не остане ни трага од нив.
  5. Окото на својот ум не симнувајте го од срцето, и сe' што оттука излегува зграбувајте го и распознавајте го: доброто - нека живее, а тоа што не е добро - треба веднаш да се умртви.

(продолжува)