ВИСТИНСКИ БОЖИК - СТАРЕЦ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС
Се истакнува од многумина во овие денови дека Божик е ден на љубов и мир. Но не се кажува целата вистина. Дека, имено, вистинската љубов и вистинскиот мир се дарови на Воплотениот Спасител наш Исус Христос на оние коишто се подвизуваат со покајание, смирение, молитва, подвиг и послушание во Црквата да го надминуваат себељубието нивно.
Кога сме полни со себељубие, ниту можеме правилно да љубиме, ниту да имаме вистински мир во нас самите и со ближните.
Луѓето обично ги сакаат љубовта и мирот, но не сакаат да се подвизуваат против себељубието нивно. И затоа на крај ниту љубов ниту мир имаме. Немаме мир следствено и во семејството наше.
Смирената наша молитва од Света Гора е да се подвизуваме сите против нашето самољубие, со цел да дојди во нашите срца, во нашите семејства, во татковината ни и во светот вистинската љубов и мир Христов. И уште Смирениот Исус Христос да ги најде смирени, со вера, очистени и прости срцата наши за да се насели во нас Самиот.
Така да прославиме вистински Рождество, ако Христос се раѓа во нашите срца непречено.
Христос се раѓа во срцата наши според Светите Отци секојпат кога ние ги запазуваме Неговите заповеди, особено заповедта на љубовта и секогаш со копнеж и вера се повикуваме на Светото Име Негово, и секако со познатата молитва Исусова: Господи Исусе Христе, помилувај ме грешниот.
Во денешниот, збунет и брзо променлив свет наша единствена стабилна точка и единствена надеж е смирениот Богомладенец од Витлеем и Црквата Негова.
После падот на сите идоли и напуштањето на сите лукави надежи, Смирениот Исус Христос останува единствената наша надеж. Да не болуваме залудно пребарувајќи други решенија.
На прогонуваниот исток и презрениот запад - Христос е Спасителот.
За да го поттикне спасението наше ја бара слободата наша, смирението наше, покајанието наше.
Со овие мисли ги испраќаме нашите братски молитви кон сите во Христа браќа наши и ги молиме во овие свети денови да не малаксаат во нивните молитви покажувајќи ја на дело љубовта нивна кон секој намачен брат наш, блиску до нас или далеку од нас, којшто ни е брат во Христа.
Рождество Христово 1991
ХРИСТОС СЕ РОДИ !
Превод: Сестринството на Манастирот Свети Јован Претеча Слепче