Свети Исаак Сирин - За чувањето на срцето и најистанченото созерцание

07/08/2024

    Ако си се осамил во својата келија, а сеуште не си ја стекнал силата на вистинското созерцание, тогаш постојано поучувај се со читање на тропари и катизми, со сеќавање на смртта и надежта во идното. Сето тоа го собира умот во едно и не му дозволува да кружи, додека не дојде вистинското созерцание, зашто силата на духот е поснажна од страстите. Поучи се на надежта во идното, сеќавајќи се на Бога. Труди се добро да ја разбереш смислата на тропарот и чувај се од сѐ надворешно што те поттикнува на страст.

   Во исто време одржувај го и она мало (правило) што го извршуваш во својата келија. Секогаш испитувај ги своите помисли и моли се во текот на целиот живот да имаш очи: од тоа радоста ќе почне да тече од тебе, и тогаш ќе пронајдеш такви страдања кои се послатки од мед.

    Никој не може да ги победи страстите поинаку освен преку добродетелите кои што можат да се забележат и видат. Расеаноста на умот никој не може да ја надвладее поинаку освен преку потопување во духовно знање.

     Нашиот ум е лесен и ако не е врзан со некоја мисла, не престанува да се расплинува, а без усовршување во споменатите добродетели не може да се стекни ова сочувување (на умот), бидејќи ако некој не ги победи непријателите, не може да живее во мир, а ако не се зацари мирот, како може да се стекни она што се чува во мир? Страстите служат како препрека за скриенте добродетели на душата и ако најпрво не бидат поразени со видливи добродетели, ќе спречуваат да се покажат невидливите внатрешни добродетели. Оној кој е надвор од ѕидините, не може да живее со оние кои се внатре во нив (ѕидините). Никој во мракот не го гледа сонцето, ниту добродетелите во природата на душата, (која е) во постојаниот метеж на страстите.

      Моли се на Бога да ти даде осет за желба за Духот и посакување за Него. Кога кај тебе ќе дојде тој осет и поасакување за Духот, ќе се оддалечиш од светот и светот ќе се оддалечи од тебе. Ова никој не може да го доживее без безмолвие, подвижништво и читање на дела одредени за тоа. Без тоа не барај, бидејќи она што ќе го бараш постепено ќе се менува и ќе постанува телесно. Оној кој разбира – нека сфати дека Премудриот Господ благоволи овој леб со пот да го јадеме. И не го направи тоа заради злоба, туку за да немаме тешкотии при варењето и како не би умреле.

     Секоја добродетел е мајка на следната добродетел. Затоа, ако ја напуштиш мајката која ја раѓа добродетелта, и тргнеш најпрво да ги пронајдеш ќерките, пред да ја најдеш нивната мајка, знај дека тие добродетели ќе се покажат како немани за душата. Ако не ги отфрлиш од себе, наскоро ќе умреш.

 

Превод: Сестринството на Слепченскиот Манастир