Слово за духовната борба - свети Нектариј Егински
Целта на нашиот живот е да станеме совршени и свети. Да бидеме деца Божји и наследници на Царството небесно.
Да внимаваме да не бидеме лишени од идниот живот, заради овој, поради животните грижи и неспокојот, да заборавиме на целта на нашиот живот.
Постот, бдеењето и молитвата сами од себе не ги донесуваат саканите плодови, затоа што тие не се целта на нашиот живот; тие се средства за постигнување на целта. Украсете ги вашите свеќници со добродетели. Борете се да ги отфрлите страстите. Исчистете го вашето срце од секоја нечистотија и чувајте го чисто за да дојде и да се всели во вас Господ; да ве исполни Светиот Дух со Своите Божествени дарови.
Деца мои љубени, целиот ваш труд и грижи да бидат насочени таму. Тоа да биде ваша незапирлива цел и стремеж. Кон тоа да биде насочена вашата молитва.
Секојдневно барајте Го Господ; но внатре, во вашето срце, а не некаде надвор од него. И кога ќе Го најдете, станете со страв и трепет како херувимите и серафимите, бидејќи вашето срце станало Божји престол. Но, за да Го најдете Господ, смирете се целосно, зашто Господ се гнаси од гордите, а ги љуби и посетува оние со смирено срце. Затоа и вели: „Но на кого ќе погледнам? На оној кој е со смирен дух и кој трепери од Моите зборови“.
Бори се во духовната борба и Бог ќе те направи силен. Во борбата се сретнуваме со нашите слабости, недостатоци и грешки. Борбата е огледало на нашата духовна состојба. Кој не се борел, не се запознал самиот себеси. Внимавајте дури и на малите грешки. Ако од невнимание паднете во грев, не губете надеж, туку бргу станете и молете Му се на Господ, Кој има моќ да ве подигне. Претераната тага крие гордост во себе. Таа и безнадежноста се штетни и опасни, и често се преувеличуваат од страна на ѓаволот за да се прекине напредокот на оној кој се бори. Во себе имаме слабост, страсти и мани, длабоко вкоренети. Сето тоа не може да се надмине со коленичење, со помош на слабоста и големата тага, туку со трпение и истрајност, храброст, труд и внимателност. Патот кој води кон совршенството е долг. Молете Го Бога да ве направи силни. Со трпение да ги надминувате вашите падови, и штом брзо ќе станете, да итате а не да стоите како деца на местото каде што сте паднале, плачејќи и липајќи без утеха.
Бдејте и молете се да не паднете во зло. Не очајувајте ако често паѓате во старите гревови. Многу од нив се јаки по природа и по навика. Меѓутоа, со тек на време и со трудољубивост, се победуваат. Ништо нека не ве фрла во безнадежност.
Свети Нектариј Егински