Се отпечати фототипно издание на Слепченскиот Поменик од 16 век
По големата Божја милост, уште еден Слепченски ракопис во фототипно издание се врати во манастирската библиотека, во матичниот манастир каде што беше создаден.
Станува збор за Слепченскиот Поменик од 16 век, кој во 19 век бил распарчен на два дела и оттуѓен од Манастирот, едниот дел од страна на бугарите, и денес се чува во Софија, во Националната библиотека „Св. св. Кирил и Методиј“ под бр.1015, а другиот дел од ракописот заедно со познатиот патеписец Виктор Григоровиќ во пролетта на 1845 г. отпатувал за Одеса, Украина, и денес се чува под број 1/116 .
Сестринството на Слепченскиот Манастир под раководство на академик Поп-Атанасов, при долго истражување на ракописот, направи аналза на сите личности коишто Манастирот ги спомнувал во 16 век и претходно. Покрај охридските архиепископи, во Поменикот се споменуваат и ктиторите на Манастирот - царот Михаил VIII Палеолог и благоверната царица Теодора.
Од Поменикот беа анализирани и илјадници имиња на монаси и мирјани како и топоними од нивното потекло од целата диецеза на Охридската архиепископија.
Сестринството веќе долги години работи на репатриација на оттуѓеното ракописното наследство на Манастирот, и до денес во дигитална форма се повратени околу 200 ракописни книги, пишувани од слепченските монаси во славниот Слепченски Скрипториум на Охридската архиепископија.
Со Божја помош, наскоро, ова фототипно издание ќе биде изложено во Скрипторискиот центар на Манастирот, на очиглед на посетителите, љубителите и истражувачите.
Сестринството на Слепченскиот Манастир