ПОУКИ - СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ
Поука прва
Телото е како харфа на која душата, разумна и бесмртна, како музичар свири. Душата го движи телото, а таа самата себе се подвижува, зашто движењето на душата не нѐ ништо друго туку живот на душата. За телото велиме дека живее кога се движи, а умира кога престанува во него движењето, т.е. кога го напушта душата... Животот пак на душата е Логосот Божји, и таа се умртвува штом ќе се оддели од заедницата со Него.
(Против јазичниците 32 – 33)
Поука втора
За изучувањето на Светото Писмо, и за вистинското знаење потребен е добар живот, чиста душа и добродетел по Христа, за така, умот одејќи преку таа добродетел, да може да го достигне и да го разбере она што го посакува, и да научи за Бога Логосот онолку колку што ѝ е достапно на човечката природа. Зашто без чист ум и без подражување на животот на Светиите, никој не може да ги разбере нивните зборови.
(За вочовечувањето на Логосот, 57)
Поука трета
Во Црквата секогаш треба да се отстранува и спречува она што ѝ е туѓо и што предизвикува соблазна, а повеќе од сѐ да се чува мирот и слогата само под услов верата да биде здрава (т.е. правилна, православна). Тогаш нас и Господ ќе нѐ помилува и тоа што е разделено ќе го соедини. А, кога ќе биде едно стадо, пак, сите ќе имаме еден Водач – Господ наш Исус Христос.
(Томос до Антиохијците, 8)
Поука четвртта
Благодатта и дарот што се дава во Пресвета Троица, се дава од Отецот преку Синот во Духот Свети. Зашто како што даруваната благодат е од Отецот преку Синот, така и ние не можеме да бидеме заедничари на дарот на благодатта само во Духот Свети. Зашто станувајќи Негови заедничари, ние ја имаме љубовта на Отецот, благодатта на Синот и заедницата со самиот Дух.
(Послание до Серапион, 1, 30)
Поука петта
Кога душата ќе ја соблече од себе сета нечистотија на гревот која се разлеала по неа, и ја чува чиста својата боголикост, тогаш таа просветлена од неа, доаѓа во состојба да го созерцува во себеси ликот на Отецот – Логосот по Кој сме создадени во почетокот и во Логосот – Отецот.
(Против јазичниците, 34)
Поука шеста
Царе, престани да ја прогонуваш Црквата, и сети се дека си смртен човек. Исплаши се од Судниот ден и сочувај се себе чист за тој ден. Не мешај се во црковните работи, и немој ти нам, на епископите, да ни заповедаш за тоа, туку попрво ти од нас учи се за нив. Тебе Бог ти го врачи царството, а нам епископите ни ги довери работите на Црквата. И како што оној кој ја нарушува твојата власт, се противи на Божјата заповед, така плаши се и ти, присвојувајќи го тоа што се однесува на Црквата, да не подлегнеш на голема осуда. Зашто е напишано: „Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога“.
(Историја на Аријанците, 41-45)
Поука седма
Макар што не е можно да се сфати што е Бог, сепак е можно да се каже што Он не е.
(Писмо до монасите)
Поука осма
Бог од ништо нема потреба, Он е самодоволен и самоисполнет, и во Него сѐ се содржи, или подобро кажано Тој на сѐ му дава битие.
(Писмо против јазичниците, 28)
Поука деветта
Да се чуваме себе секогаш чисти од еретици и расколници, и да го чуваме преданието на Светите Отци, а пред сѐ правилна и побожна вера во Господ наш Исус Христос.
(Живот Антониев, 89)
Поука десетта
Ќелиите на сестрите се како скинии преисполнети со божествени хорови, пеење, добри беседи, пост, молитви, радост и труд, со љубов и согласност едни спрема други.
(За монахињите)
Превод сестринството на манастирот