П О С Л А Н И Е
До верниот народ на Едната Света Соборна и Апостолска Црква,
мир и благослов од Бога Троичниот Кој и во овие денови на седмицата страсна не нѐ остави без утехата на Духот Свети, туку уште повеќе забрза како при Светото Крштение, да побара, пронајде во нас сѐ што е за очистување, но и да повика повторно горе да ги имаме срцата и очите да побараат небеса.
Во време на искушенија и тегоби кои завземаат и големи размери, во време на таги и состојби кои знаат да го рануваат духот на верата во нас, тогаш Отците Свети кажуваат: Мудриот не зборува, туку прибегнува кон пост и молитва.
Поради тоа не зборуваме, туку заради очите ваши кои кон нас се впериле укажуваме, дека времето на тегоба секогаш е време на испитување, а времето земно исполнето со мир и благосостојба е време кога секој војник Христов се спрема за борба. Затоа Светото Писмо укажува непрестајно да се молиме за да не паднеме во искушение.
Од утрово рано на Четвртокот Велики, кога нашиот Спасител тргна голготски до крај да се смири, но и да посведочи дека иако ќе биде оставен од сите, Он нас ни простува и до крај нѐ милува, затоа што спасение ќе излезе од гробот кадешто слезе Вистината.
Од утрово кога целиот свет го фаќа паника, а особено кога нозете на многумина се укотвени како во зандана, карантини, забрана за движење и.т.н. ги повикуваме не само оние кои претходно мир од Бога барале за раните кои до нив стигнале заради телесна немоќ и болести, сиромаштија, и други непогоди, туку и оние во кои срцето се вознемирило, ум магловитост покрило, да се сетат и запрашаат во крилото на Црквата не само за сите подвижници кои заради Христа слобода на земјата не побарале, оние кои поитале кон пештери и земни бездни, на места непроодни, на столбови за човека непристапни, оние кои до крајот на животот земен можеби повеќе лице човечко не виделе - зошто така постапиле ?
Ние на нив сега не се повикуваме, денес благодатна посета Црквата Христова во Духот Свети има и по молитвите на светата Софија Суздаљска, лик чие име на небесата е запишано, која во земниот живот беше насилно затворена, одвоена од сето она што претходно за неа беше царска порфира, затворена во кула, па во манастир, за да очи нејзини повеќе не гледаат светска убавина, а исто така јазикот кој се бунтуваше, сега збор повеќе да не изговара.
Но, таа побрза во икона прозор да побара, од којшто утеха доби за срце и душа. Следствено ќе ви го испратиме нејзиното житие, во кое безбројни ќе бидат не само чудата и наградите, туку и духовното совршенство кон кое Христос Спасителот ќе ја поведе, и тоа само заради нејзиното преумување. Не барајќи ја слободата на телото, која насилно и беше одземена ја побара слободата на духот која ја направи рајска птица.
Затоа, мили мои во Христа Исуса, знајте дека нашиот Бог и Спасител Е Ист, вчера, денес и во веки, оние кои ги љуби, нив и ги кара, не го предава човекот на смрт туку да се обрати кон Него и жив да биде, не ги отфрла делата на Своето создавање. Замислете нѐ сите нас во затвори, поради тоа што нема човек роден од жена а да не погрешил макар и еден ден да бил животот негов. Местото на средба човекова со Љубовта е срцето.
Поитајте да ги запалите вашите кандила, ако се запалени побрзајте да ги разгорите и Христа Бога да Го прославите, а Он Кој гледа тајно, ќе ве награди јавно, па од тоа да станете собеседници на ангелите.
Колку и да е светот лукав, колку лукавства да измислува, Христос никогаш неможе да ни Го одземе, и затоа запамтете: не луѓето од светот, туку светот е лукав, а луѓето паѓаат, но да се потсетиме нашата борба не е против крв и тело, туку против поднебесните духови на злобата.
Останете во мир Божји, не се оддалечувајте од Крстот Христов, смирете се како Он би нашол дом во срцето ваше и што и да се случи, запаметете дека Духот на вистината е секогаш во Црквата, нѐ поучува и ќе нѐ поучува до крајот на времињата.
Радувајте се во Господа и овој Велики Четврток, како и секој кој во денот невечерен ќе заврши бивајќи за верниот во Христа нов почеток.
на Велики Четврток
16 Април 2020
Житие на преподобната мајка наша Софија Суздаљска
Преподобна Софија, во светот велика кнегиња Соломонија Сабурова, била првата жена на великиот Московски кнез Василиј Јованович (1505-1533). Тој ја избрал неа за сопруга меѓу 500 најубави девојки. Но бракот се покажал бездетен, заради што великокнежевската двојка многу тагувала. После 20 години брак, не обраќајќи внимание на опомените од духовништвото, великиот кнез решил да стапи во втор брак со Литванската кнегиња Елена Глинска. Митрополитот Варлаам, разобличувајќи го незаконски растурениот брак, бил тргнат од митрополитскиот престол – за првпат во руската историја – и затворен во манастир, а преподобниот Максим Грк, застапувајќи се за кнегињата Соломонија, добил забрана и исто така бил затворен во затвор. Сите Вселенски Патријарси ја осудиле постапката на великиот кнез, а Патриархот Ерусалимски Марко предвидел раѓање на младенец од вториот брак, кој ќе го порази светот со својата свирепост (Иван Грозни).
25-ти ноември 1525 година великата кнегиња Соломонија насилно била пострижена во монаштво со име Софија во Московскиот Рождественски манастир. После постригот ја испратиле со стража во Суздалскиот Покровски манастир, кој потоа станал место за затворање на неволните царски потстриженици. Великата кнегиња не се помирила веднаш со новата ситуација, таа долго тагувала. Но, покорувајќи се на Божјата волја, Софија нашла утеха и успокојување во срдечната молитва.
Монахињата Софија, спознавајќи ја суетата на брзо минливите земни добра, со сета душа го засакала „Царството Божјо и неговата правда“ (Мт. 6, 33). Во тоа време, додека во светот се намножувале беззаконијата, таа во својата самотност се украсувала со добродетели и постепено се искачувала кон духовно совршенство. Кнезот Курбски во посланието до Иван Грозни (1533-1584) ја нарекол кнегињата монахиња „преподобна маченичка“.
Преподобната Софија се упокоила во 1542 година и била погребена во Суздалскиот Покровски манастир. Степената книга известува за тоа: „Откако поживеа благодарно и Богоугодно, си замина кај Бога“. Најблиските потомци веќе молитвено ја почитувале преподобната Софија. Во ракописните светилишта таа се именува како „света праведна и чудотворна кнегиња Софија монахиња, која живееше во женскиот Покровски манастир.“ Во време на царот Теодор Јованович (1584-1598), син на Грозни, неа веќе ја почитуваа како света. Царицата Ирина Теодоровна испратила дар за нејзината гробница „кадифен покрив со икона на Спасителот и други светии“.
Патријархот Јосиф (1642-1652) му пишувал на Суздалскиот архиепископ Серапион за служењето молебни и панихиди над гробот на преподобната Софија. Подоцна, во XIX век, архиепископот Суздалски и Таруски Серапион напишал служба посветена на преподобната Софија.
Во описот на градот Суздал клучарот Ананиј известува за чудесните исцеленија од гробот на преподобната Софија. Така во 1598 година кај нејзиниот гроб прогледала принцезата Ана Нечтева, која шест години страдала од слепило. Во 1609 година, за време на полските напади на Русија, преподобната Софија го спасила Суздал од разорување. Таа му се појавила во застрашувачки вид на водачот на воедниот одред Лисовски. Од страв него му се парализирала раката, и тој дал клетва дека ќе го остави на мир градот и манастирот. И многу други чудеса се случувале и се случуваат по молитвите на преподобната Софија.
Тропар на преподобната мајка
наша Софија Суздаљска
16 декември / 29 декември
Лагата на минливоста, се замени со Вечната Вистина,
о Софијо преподобна мајко наша,
кога утеха барајќи го сретна Женикот во срцето твое.
Утешител и заштитник ти стана Троичниот,
Кој те поведе кон совршенство духовно,
но и дарител на милост и чудотворство,
дела кои над себе ги повикува народот Божји,
кој денес ги проси твоите свети молитви.
По нејзините свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нѐ!