НИКОЛАЕ СВЕТИ ЗАСТАПНИЧЕ

19/12/2020

 

Во вечер мирна

кога глас на месечина истекува

се собравме околу трпеза

думи да споделиме

радоста да навјаса.

 

Во вечер како посестрима

бликна една молитва

мигот ја однесе будноста

се сети младеж на времињата.

 

Во таа вечер

која во утро продолжува

пример за ревност се изродува

сила на кротост се покажа.

 

Во таа вечер

со утро залеана

ти Николае време согоруваше

и лага во вистина преумуваше.

 

Еве и во вечер оваа

собрани околу трпеза натокмена

трошки сакаме

во ѕвезди да претвориме,

ѕвезди во молитви непрестајни

молитви во Небесни дворови испратени.

 

Благодарност да искажат

онаа која мисла не ја согорува

ниту детска палавост ја приграбува.

 

Благодарност како нитка бисери

околу вратот навезани,

на Девојка Која Царица постана

и тебе Николае омофор подарила.

 

Благодарност како коса моминска

која ветре нежно исчекува,

за прошка да роди милоста

капка росна од Око кое се‘ гледа.

 

 

Од поезијата на сестринството на Слепченската обител