КОН НЕДЕЛАТА НА ПРАВОСЛАВИЕТО - СТАРЕЦ ГЕОРГИЈ КАПСАНИС
Голема беше болката која ја проживеа Светата Црква Христова за стодваесет години додека владееше иконоборството. Но Светиот Бог ја преобрати болката во радост и веселие, кога конечно беше веќе превоспоставена при царицата Теодора. И оваа радост на Црквата ја видовме и вечерва во свештените псалми и химни во коишто се прославува Трисолнечниот Бог, зашто Црквата го прими повторно украсот свој и убавината своја. Убавината на Црквата е во ликовите на Христос, на Пресветата, и на Светителите, православно иконоприкажани.
Се разбира не треба да забораваме дека ѓаволот е првиот иконоборец. Зашто тој прв се потруди да го уништи човекот создаден според образот Божји.
И потоа сите кои што се бореле низ времишата да ја уништат иконата Божја во човекот, иконоборци се.
Иконоборството не е само едно однадвор искушение за Црквата Христова. Но е внатрешно искушение за секој еден од нас. Секој пат кога ѓаволот тргнува да не оддалечи од Бога и браќата со страстите, со самољубието, со плотта, со саможивоста, со студенилото, со себичноста, тргнува да ја урни во нас иконата Божја.
Зашто човекот само тогаш е икона Божја, кога е во вистинска заедница со Бога и со браќата негови. И ова не треба да го заборавиме.
Она коешто го направи ѓаволот во стодваесет години иконоборство, го прави секој миг. Го прави од Адам и Ева до денес.
И ако Црквата ги има светите икони на Спасителот Христос, на Богородица и Светителите и им се поклонуваме, ги има за да не потсетуваат секој миг дека и ние треба да постанеме по образот на иконата на Бога, која што е Христос.
И ако не постанеме по образот на иконата на Бога, која што е Христос, и ние ги поддржуваме – неволно се разбира – но секогаш ги поддржуваме иконоборците.
Затоа браќа имено, да се потрудиме да сме во духот на Православието. Не само празнувајќи возобновување на светите икони, туку и потрудувајќи се секој миг од животот наш да ја воспоставиме во нас иконата на Бога.
И колкупати немоќта наша, себељубието наше и страстите да ја рушат иконата на Бога во нас, со често покајание повторно да направиме востоличување на иконата на Бога, за да не постанеме играчка на демоните, но да сме секогаш она што Бог го сака од секој христијанин, „по образ и подобие“ Негово.
И видовте дека тоа „по образ и по подобие„ е на првата страна од Светото Писмо, не е на крајот од Евангелието. На почетокот е на создавањето на човекот. Од почетокот на создавањето на човекот Бог го создаде „по образ и по подобие “ Негово.
И ова е целото тежнеење на Црквата, сите да биваме постојано икони на Бога.
И така Црквата да сјае и да се украсува не само со носечки и живописани на зид икони на Христа, Пресветата, на Светителите, но и со живите икони на Христијаните.
И уште, сите во Црквата – и тоа што е на живописот и она што е секој еден од нас – да бидеме една жива икона на Бога.
И така Црквата да сјае и да се украсува секогаш со вистинската слава и вистинскиот сјај, којашто слава и сјај најпосле е славата и сјајот на Овоплотениот Бог.
Превод: сестринството на Манастирот Свети Јован Претеча Слепче