ДОМ
на света Ксенија Римјанка
Птиците гнезда имаат
а лисиците дувла свои,
човекот од копнеж поттикнат
трага по домови небесни.
Радувај се светла Христова гулабице!
О Ксенио невесто на Бесмртниот,
рано душата твоја дозна
за домот на Најмилиот,
каде се раѓа и пребива сегашноста.
Радувај се милозвучна Христова харфо!
Поита од врзаност да се ослободиш
остави минливости и од свет придобивки,
светла дружина во зародиш,
учител благ Христос ти подари.
Радувај се странкињо која кон Домот поита!
Молитви и молитви,
светлини и благодати,
слугувања и денови самотни
исполнети со хорови од ангели.
Радувај се примеру подвижнички кој патот ни го осветли!
Раце не спушти од прозби
и кога на сите слугинка стана,
странец во партали,
душата ти – во мирис се растопува.
Радувај се свеќо која за нас непрестано свети!
Колку солзи твои
за твоите - утешни примери,
кои небеса отворија
и прошка за нив измолуваа:
од Бога Милостивиот,
од Синот Кој за нас пострада,
од Духот Кој сé исполнува.
Радувај се мајко преблажена!
И пак и повторно,
очи наши не се осмелуваат
да погледнат кон небо високо,
тебе да те побараат,
молитвено застапништво умилно
од тебе да измолат.
Радувај се, радувај се света Ксенио!
Но сепак ти ветување даде
и Светиот не се одрече –
на тоа се надеваме
и Бога преку тебе го призиваме:
Господи поитај,
Господи побрзај,
помилувај и прости по нејзините молитви
на оние кои дом бараат
во Тебе нашиот Искупител и Спасител!
Радувај се Ксенио света!