Акатист на Воведението на Пресвета Богородица во храмот

17/12/2020

 

 

Кондак 1
Избрана од предвечниот Цар Богоотроковице Марие, на Ангелите и луѓето Царице, која си пристапила тогаш во храмот Господов во Светињата на Светиите, за девствено вневестување со својот Женик Небесен воспитувајќи се во Божјото Живеалиште, достојно поклонение усрдно Тебе Ти принесуваме. Ти пак, како многумоќна Застапничка наша, од сите беди и жалости ослободи нe', со љубов и умиление Тебе да Ти повикуваме:

Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Икос 1
Архангелските и ангелските хорови притекнаа од небесните висини да го видат преславното Твое, о Богомајко, во храмот Господов воведување и заедно со земниот хор на чистите девици, невидливиот хор на бесплотните умови со веселие одеше, Тебе, Пречиста Дево приведуваќи Те. Како од Бога избран сад по Божја заповед Те опкружуваа, и како на своја Госпоѓа Ти служеа. Иако не ја гледаа тајната на Твојата сила, Те видоа Тебе исполнета неискажливо со чистота небесна, и сите присутни во Тебе гледајќи, се ужаснаа и со голем страв Тебе Ти воспеваа:
Радувај се, презарадувана Дево, која треба да станеш Мајка на Царот!
Радувај се, почитувана Царице, која во Царевиот храм дојде да живееш!
Радувај се, на Бога Отецот Ќерко избрана и превознесена!
Радувај се, Мајко на Бог Синот од вековите претскажана!
Радувај се, на Бога Духот Сесвет, Невесто неискусобрачна!
Радувај се, на сета твар видлива и невидлива, Владичице многупосакувана!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 2
Гледајќи праведните родители Твои, Пресвета Дево, дека три години се исполнија од раѓањето Твое, посакаа да го извршат на дело ветувањето свое, сите поранешни зборови што ги искажаа, дека ќе Те принесат на дар на Бога. Заради тоа ги повикаа во Назарет сите свои роднини од царскиот и архиерејски род, и многу свештеници. Го поканија хорот на чистите деви, со запалени свеќи да Те приведат, како што претскажа Писмото: "по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе, ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец.” И така сите собрани откако се помолија за Тебе на Бога, Му воспејаа Нему: Алилуја!

Икос 2
Откривајќи го Небесниот разум Богоотроковице, не благоволи во бедни кошули да пристапиш во Храмот на Небесниот Цар, затоа преоблечена си била со слава и голема убавина, за да се исполни на Тебе пророштвото на праотецот Твој, Давид: "Царицата стои покрај Тебе оддесно во облека украсена и со злато проткаена”. Кога пак, како Невеста Божја си била преукрасена и с# за Твоето сечесно Воведение достојно било приредено, Те поведоа родителите Твои како тригодишно јагне во Ерусалим, воспевајќи Ти:
Радувај се, преоблечена во златно расо на девство и чистота!
Радувај се, преукрасена во сета добрина на небесната убавина!
Радувај се, Ќерко Царева која сета девствена слава внатре во себе си ја имала!
Радувај се, Невесто Божја, да застанеш оддесно на Небесниот Женик, доаѓаш!
Радувај се, воодушевен Кивоте Божји, среде девите со тимпани во свита си стигнала!
Радувај се, пречист храм Спасителев, кон Храмот на законот патот свој си го насочила!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 3
Силата на Вишниот Те осени и Духот Свети дојде на Тебе и стана Предводител Твој, кога по три дена пат, си стигнала во градот Ерусалим, и како Кивот Божји си била носена кон храмот Господов, Богородице Дево да се оствари словото псаломско, кое вели: "Видена беше свечената поворка Твоја, Боже, поворката на Бог, мојот Цар, во Светињата". И така за преголемата Твоја небесна чистота, си се удостоила да бидеш храм Божји, каде што Духот Свети посака да живее, да Те направи живеалиште Свое, вселување Небесно, и повторно да се исполни за Тебе друго Писмо: "Си Го осветил Живеалиштето Свое, Вишни, Светиот храм Твој, Господи, прекрасен во правдата". Заради тоа сите воспеваме поради Тебе: Алилуја!

Икос 3
Имајќи три години, Пресвета Дево, си била приведена во храмот, со светите Твои родители, еден од едната страна, друг од другата, држејќи Те за рака, Богодаруваната Ќерка своја. Кротко и чесно Те водеа кон храмот, велејќи: "Тргнете девици свеќоносци, претходете пред Богоотроковицата". Сето мноштво сродници, пријатели и свештеници со веселие Те следеа, свеќи држејќи во рацете, и опкружувајќи Те, како што ѕвездите ја окружуваат светлата месечина. Се собра и целиот Ерусалим, на ова ново приведување со восхит гледајќи: тригодишно Девојче со толкава слава облечено и со такво свето носење почитувана, Ти пееја Тебе:
Радувај се, тригодишна со телото, небо пошироко од небесата!
Радувај се, многугодишна со духот, горните сили ги надмина!
Радувај се, Јагне Непорочно, девството Свое на Бога во жртва чиста си го принела!
Радувај се, Гулабице Нескверна, со Твојата чистота Ангелите си ги восхитила!
Радувај се, со девствените хорови кон Господа приведена!
Радувај се, со запалени светилки во храмот воведена!

Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 4
Бура од сомневачки помисли имајќи во себе, Првосвештеникот Захариј се збуни, гледајќи го Твоето, Пречиста, со голема слава кон храмот Господов приведување, и кон затворената Врата на Исток приближување. Тогаш спомнувајќи си за древното пророкување Језекиево: "Овие Врати се затворени и никој не може да помине низ нив, зашто Господ Бог треба да помине низ нив и ќе останат заклучени" се исполни со Свет Дух и откровение од горе добивајќи, да ѝ ја отвори на приведената Богодевојка заклучената врата, Му воспеа на Бога: Алилуја!


Икос 4
"Чуј Ќерко, види, приклони го увото Твое, и заборави го Твојот народ и домот на таткото Твој, зашто Царот ја посака Твојата убавина".
Така Ти зборуваа Тебе, Пречиста Дево, родителите Твои, кога си била приведена во храмот Господов. Свештениците пак, службата извршувајќи ја, го видоа Твоето доаѓање, излегоа во сретение на славното Твое Воведение, и со песни Те примија, зашто Мајка ќе бидеш на Големиот Архиереј, Кој е повисок од Небесата, воскликнувајќи:
Радувај се, на благоволението Божјо предобразување, од пророците возвестена!
Радувај се, на луѓето спасителна проповед, нам сега јавена!
Радувај се, од Небесните Ангели со слава приведена!
Радувај се, од јереите Божји со радост пресретната!
Радувај се, домот на таткото Твој и луѓето Твои ги напушти!
Радувај се, домот Божји со Твоето јавување си го осветила!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 5
На Бога храм бивајќи, Богородице Дево, кон храмот на законот со слава голема приведена си била, да се исполни пророкувањето на пророкот Агеј: "И се исполни храмот со таа слава зашто последната слава на храмот ќе биде поголема од првата, вели Господ Седржителот". Мајката пак Твоја Те приведе кон црковниот влез, говорејќи: "Дојди, Ќерко кон Тој што Тебе ми Те дарува. Дојди, Кивоте осветен, кон благоутробниот Владика. Дојди врато на Животот, кон Милосрдниот Дарител. Дојди, Кивоте на Словото кон храмот Господов. Влези во Црквата Господова, радост и веселие на светот, да воспееме за Тебе кон Бога: Алилуја!

Икос 5
Гледајќи ги Твојата мајка, Богородице Дево, јереите Божји кои од храмот излегуваа, и големиот светител Захариј како во сретение Твое доаѓа, рече кон него: "Прими го, Захарие Зракот Неосквернет; прими го, свештениче, Непорочниот Ковчег; прими ја, пророче, Кадилницата со невештествен жар; прими го праведниче, Кандилото Духовно. Прими ја, о пророче, од Бога даруваната Ќерка моја и воведи ја во храмот на Твојот Творец, и воведувајќи ја, насади Ја Неа во горните светињи во подготвеното Божјо живеалиште, ништо неиспитувајќи Ја, зашто поради Неа ќе има избавување". Со неа и ние кон Тебе воскликнуваме:
Радувај се, небесните хорови ги развесели со Твоето влегување!
Радувај се, ереите Божји ги зарадува со Твоето јавување!
Радувај се, Живеалиште Небесно, законитиот храм прв го освети со благодат!
Радувај се, Небо земно, Самата Себе за живеалиште Христово се подготви во чистота!
Радувај се, Невесто Божја зашто големо и прекрасно е Твоето доаѓање!
Радувај се, Дево Чиста зашто страшно и преславно е во храмот Твоето престојување!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 6
Проповедникот на воведувањето Твое во храмот Господов, праведниот Захарија се восхити, гледајќи го Твоето, Богородице Дево, прекрасно воведување, искачувајќи по скалите црковни петнаесет скалила: поставена од Твоите родители на првото скалило, Ти сама од себе ги искачи останатите од никој поддржана и доаѓајќи до највисокото скалило застана, закрепната од невидливата Божја сила. Светиот пак Захариј, гледајќи го ова, опфатен од Духот Божји ѝ рече на Твојата мајка: "Благословен е плодот на Твојата утроба, о жено, преславно е Твоето приведување: Вистинската Мајка на Животот ја воведуваш, како во храмот Неа да ја сместиме? И благодарејќи Му на Бога, воспеа: Алилуја!


Икос 6
Им засветли радост голема на сите кои во храмот на законот присуствуваа, кога големиот светител Захариј, исполнет од Светиот Дух, Те прими Тебе, о Богомајко, пред вратите Црковни во своите раце држејќи Те и воведувајќи во Светињата на Светиите, и Ти зборуваше Тебе: О, Отроковице Нескверна! О, Дево Несоблазнена! О, Девице Прекрасна! О, украсу на жените! О, на ќерките разубавување! Ти Преблагословена меѓу жените, Ти препрославена со чистотата, Ти запечатена со девството, Ти на Адамовата клетва разрешување. Дојди, исполнување на моето пророштво. Дојди, извршување на ветувањата Господови. Дојди, печат на Неговиот завет. Дојди, изјавување на Неговиот совет. Дојди, исполнување на Неговото таинство. Дојди, огледало на сите пророци. Дојди, обновување на остарените. Дојди, Светлино на оние што лежат во темнина. Дојди, ново и Божествено дарување. Влези во радоста на Црквата на Твојот Господ, сега во долната каде што луѓето влегуваат, а за кратко време и во горната, непристапна". Со него и ние Ти воспеваме:
Радувај се, воодушевена Лествице, во храмот Господен по скалите на високата лествица се искачи!
Радувај се, Врато непроодна за човечките помисли, во дверите на храмот внесена!
Радувај се, зашто по скалилата на добродетелите се возвиси до височините на Небесниот Олтар!
Радувај се, зашто на крилјата на девството и чистотата го достигна Градот на Големиот Цар!
Радувај се, Доме Божји поставен на врв планина!
Радувај се,вратата заклучена ја помина!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 7
Сакајќи Човекољубецот Господ да го спаси родот човечки, Те избра Тебе единствената за своја Мајка и Те воведе во светиот Свој храм; таму во осаменост и длабока тишина, далеку од соблазните на овој свет, да се воспиташ во светињата Господова, во Божјото живеалиште. Ти играјќи и целосно радувајќи се, како во дворец, во домот Господов престојуваше, и иако мала беше по возраст, само три годинки, но совршена беше во благодатта како од Бога предвоведена и предизбрана уште пред создавањето на светот, и си Му воспеала таму Нему: Алилуја!

Икос 7
Нови, прекрасни и страшни чуда направи на Тебе Господ, Богоблагодатна, кога големиот светител Захариј, надвор од себе бивајќи, по таинствено Божјо откровение Те воведе, преминувајќи го законот за втората завеса, во внатрешноста на скинијата наре- чена Сјатаја Сјатих (Светиња на Светиите), каде не само на женскиот пол, туку ни на свештениците не им беше дозволено да влезат, но само на Првосвештеникот еднаш во годината. Ти беше подобна, како Продуховен Кивот Божји зашто пред зачнувањето беше над секое естетство преисполнета со чистота, да застанеш на местото на законскиот Кивот Божји, од Еремија сокриениот, исполнувајќи го повторно со слава храмот Господов. Гледајќи го ова пречудно Твое воведување Ти воскликнуваме:
Радувај се, во Светињата на Светиите како во небо земно внесена!
Радувај се, од Светињата на Светиите поголема!
Радувај се, Ангелите се восхитија, кога во Светињата на Светиите влезе!
Радувај се, луѓето се возвеселија зашто храмот Господов со слава го исполни!
Радувај се, Прекрасен Дворец во кој Пресвета Троица Пресуштествено живеалиште си направи!
Радувај се, Престол Пресвет, на него е спремен со Тело Пребожествениот да седне!

Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 8
Чудно е Твоето зачнување и рождество. Чуден е образот на Твоето растење. Чудно е и преславно, Богоневесто, Твоето внатре во Светилиштето Воведување и на молитва секогаш пребивање, и се‘ што си правела: од утро до третиот час си стоела секој ден внатре во Светилиштето на молитва, потоа со другите девици во предворјето на Црквата во ракоделие си пребивала, па од деветиот час повторно во храмот во Светињата на Светиите си стоела пред Бога на молитва, во Богомислие и во поучување од Божјото Писмо, додека ангел Господов Ти се јавуваше нахранувајќи Те со небесна храна. На таквиот рамноангелски Твој живот чудејќи се, Го воспеваме Бога Кој така благоволи за Тебе: Алилуја!


Икос 8
Целата Тебе Те освети Светиот Дух внатре во храмот пребивајќи, Пресвета Дево. За да не Те допре ништо од земните нечистотии, со небесна и нетлена храна си била хранета, а земната храна која ти била давана си ја раздавала на сиромашните и туѓинците. И така примајќи секој ден од Ангелот леб небесен си преуспевала во мудроста и благодатта, радувајќи се со телото и духот што несместивото Слово Божјо непорочно ќе го сместиш. И беше Архангелот Гаврил неотстапен чувар на девствената Твоја чистота и со други Божји Ангели често Тебе Ти се јавуваше, Те закрепнуваше во духовните подвизи, во молитвите и постот, во кротоста и смирението и љубезно разговараше со Тебе; Предвечниот Совет на Вишниот за Тебе Ти го откриваше, за да подготвена за примањето Божјо, Ти воспее:
Радувај се, на неискажаните Божји тајни прекрасно исполнување!
Радувај се, Предвечниот Совет од Вишниот чудно се изврши!
Радувај се, со небесен леб од Ангелот неискажливо хранета!
Радувајсе, со благодатта Божја од Небесата неискажливо закрепната!
Радувај се, Ти Која во Светињата на Светиите Те сретнуваат многуоките Херувими!
Радувај се, со Која непрестајно собеседат шестокрилите Серафими!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 9
Секое естество Ангелско се воодушеви од преголемата красота на Твојата девственост, Сесвета Дево. Ти со Ангелите во Светињата над Светиите пребивајќи, Самата посака во чистота Ангелска и со неповредено девство вечно да живееш. Поради тоа прва во светот си дала завет на девство и си се свршила Себе за вечно служење на Бога во чистота девствена, и вневестувајќи се Нему, со Светиот Дух подготвена да бидеш чисто и нетлено Живеалиште на Словото Божјо, си Му пеела Нему ден и ноќ: Алилуја!

Икос 9
Богоглаголивите беседници не можат да ја искажат тајната на Твојот живот со чистота девствена во храмот, Богородице. Како си растела со годините, Ти од ден во ден си јакнела со духот и подвижнички растеше животот Твој: трудољубиво ја умножуваше молитвата, одејќи од сила во сила, додека не Те осени Силата на Севишниот. Како што растеше, растеа во Тебе и даровите на Светиот Дух, повеќе напредуваше и во молитвата и во ракоделието, цели ноќи во молитва со Ангелите поминуваше зад втората завеса. Поради тоа со восхит Ти повикуваме Тебе:
Радувај се, Посвета од Светињата на Светиите, Дево, како жртва чиста девството Свое на Бога го принесе!
Радувај се, најчиста Палато на Светиот Дух, за Живеалиште Христово воспитана!
Радувај се, Врато Небесна, во храмот како на небесата пребиваше!
Радувај се, Горо од Духот утврдена, во Светилишето со сите добродетели процвета!
Радувај се, Божјите Ангели верно Те носат!
Радувај се, Ти која верните благодарствено секогаш ја славословат!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!


Кондак 10
Радосната пролет на нашето спасение ги засветли сите краишта на земјата поради преславното Твое Воведение во храмот, Богородице. Писмото се заобиколи и осиромаши законот. Ти влегувајќи во храмот Божји, Дево Чиста, благодатен зрак насекаде заблеска, просветувајќи ги душите и помислите на сите кои се во темнината на незнаењето. Да се радува поради тоа небото и земјата, гледајќи го духовното небо кое доаѓа и Ангелските чинови и мноштвото луѓе нека воспеваат:
во храмот се воведува радоста и избавувањето на сите нас, кои воскликнуваме: Алилуја!

Икос 10
Карпа си на девиците во чистотата на девството кои во манастирите се подвизуваат, Богородице Дево, зашто давајќи во храмот завет на девство кон Бога, Ти прекрасно си го сочувала него и откако достигна дванаесет години, кога другите девици што живееја во храмот стапуваа во сопружништво по законскиот обичај, Ти си ја открила тајната на заветот Твој. Поради тоа си била предадена за чување на девството кај старецот Јосиф, од Бога укажан со гулабицата од неговиот жезал. И така во сета добрина на девството облечена како Невеста Божја Ти на сите кои во чистота своето служење го извршуваат им го подаваш дарот на кроткиот и молчалив Твој дух, Твојата тишина, смирение, неискажана чистота; за да сите преку Тебе спасени со благодарност Ти воспееме:
Радувај се, во молитвите во храмот Господов неуспивна, не давај нѝ во гревовите да заспиеме!
Радувај се, која во безмолвие во Светињата на Светиите пребиваше, удостој не‘ нас во животна тишина да поживееме!
Радувај се, со Ангелите во Светилиштето секогаш собеседничке, научи не‘ нас да внимаваме на зборовите од бесплотните!
Радувај се, на чистите деви во храмот сожителке, помогни н&амп; нас во девство и чистота животот свој да го поминеме!
Радувај се, Продуховен Храм на Живиот Бог, храмови на Духот Свети нас направи не‘!
Радувај се, Мил Дворецу на секое добро дејствување, во сите Дарови на Светиот Дух утврди не‘!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 11
Пеења умилни од неземна музика Ти принесоа Тебе, Пресвета Дево, Светите Ангели, служејќи му на девственото Твое Воведување, творејќи веселие кога со небесен глас Ти пееја Тебе, која кон служба Божја беше приведувана. Со нив на земјата од песните човечки девствените хорови на Господа Му пеат, во псалми воспевајќи и почитувајќи Те Тебе Мајката Негова. Со нив и нас удостој не‘ со чист ум и неосквернети усни да воспееме за чесното Воведение Твое: Алилуја!


Икос 11
Како Светлоносна свеќа нѝ засветли нам Богородице, кога во храмот Господов пристапи, во радост преголема таму блескајќи и на молитва во Светињата на Светиите горејќи. Оттаму ги осветли со небесна чистота во целиот свет, сите пропаднати во темнината гревовна, па и ние со свеќоносните деви кои кон храмот Господов светло со слава девствена Те приведуваа, да погледнеме на Тебе радосно во светлина на чистота душевна и телесна сјаејќи, па да Ти воспееме пофалба Тебе:
Радувај се, Свеќо Неугаслива во Светилишето запалена, од свеќоносни девици приведена!
Радувај се, Зраку Незалезен, кој сиот свет го заблеска, светлите Ангели во храмот Те сретнаа!
Радувај се, Светилниче на Небесната слава, со Светлина неминлива во храмот се‘ осветли!
Радувај се, Дворец на Божјата благодат, Леб словесен од рацете на Ангел прими!
Радувај се, Мајко на Светлината која ќе дојде, со светлината на чистотата Твоја сите просвети ги!
Радувај се, Мајко на Светлината со Тивко Сјаење, со топлината на Твоите молитви сите ги утешуваш!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!

Кондак 12
Нова Божја Благодат и навистина продуховен Кивот си, Богородице Дево, во кого маната чувствена и вештествените плочи си ги заменила со невештествените непотрошливи Божји Дарови. Си била достојно воведена во Светињата на Светиите зашто ќе Го сместиш плотски Беспочетното Слово Божјо. Затоа Силите небесни Ти служеа, страшните Херувими и љубовно пламените Серафими Те осенуваа со Своите крилја, Престолите и Господствата, Началата, Силите и Властите припаднаа кон Тебе со Архангелите и Ангелите воспевајќи Ти: Алилуја!


Икос 12
Опевајќи го пречесното Твое во храмот Воведение, сите го фалиме пречудното Твое во Светињата над Светињите со Ангелите пребивање и со небесен леб хранење. Се поклонуваме на рамноангелната девствена чистота Твоја, Богородице и веруваме, дека си преминала од земниот дом во Домот Божји, како жртва чиста, како осветен дар на девствено свршување со Твојот Небесен Женик, потготвувајќи се достојно за нетленото и чисто Рождество Христово во Божјото живеалиште. Верувајќи во тоа, Ти глаголаме:
Радувај се, храмот Господов со Пречистите стапки на Твоите нозе го освети!
Радувај се, живеалиште Божјо, од оскверненија грешните ги измиваш!
Радувај се, во Светиот храм, како на небесата, поклонение од Горните Сили прими!
Радувај се, во Светињата над Светињите, како на небесата, пред Престолот Божји се претстави!
Радувај се, Прекрасна Девице, со излегувањето Твое од татковиот дом во храмот за сиот свет Принесена!
Радувај се, Нова Гулабице, со влегувањето во храмот, на праведните од пеколот прва дарувана надеж!


Радувај се, Богоизбрано Девојче, со воведувањето во храмот дверите рајски ни ги отвори!


Кондак 13
О, Севоспеана Богоотроковице, дојдена во храмот Господов за воспитување во Светињата на Светиите, во Божјото Живеалиште, сегашното наше принесување за сечесното Воведение Твое примајќи го, избави не‘ од секакви жалости, напасти и искушенија ѓаволски, очисти не‘ од секаква скверност на плотта и духот и сочувај не‘ до крајот наш во целомудрие и чистота; осветени со Тебе достојно да бидеме воведени во рајските обители со мудрите девици, и со нив да Му воспееме за Тебе на Бога: Алилуја!
(Овој кондак се чита трипати, па потоа Икос 1 и Кондак 1)

Молитва кон Воведението на Пресвета Богородица во храмот

О, Пресвета Дево, Царице на Небесата и на земјата, пред вековите избрана за Невеста Божја, во последните времиња дојдена во законскиот храм на свршување со Женикот Небесен! Ти си ги оставила луѓето Твои и домот на таткото Твој, за да се принесеш Себе во жртва чиста и непорочна на Бога, и прва си дала завет на девство вечно. Дарувај нѝ и нас да се запазиме себе во целомудрие и чистота и во страв Божји преку сите денови од нашиот живот, да бидеме храм на Светиот Дух. Исто така помогни им на сите кои Те поддржуваат Тебе живеејќи во манастирите и кои се ветиле себе на Божјо служење, во чистота на девството поминувајќи го својот живот и кои од младоста го носат лесно Христовиот благ јарем, свето да ги чуваат своите завети. Ти си ги поминала, Сечиста сите дни на Твојата младост во храмот Господов далеку од соблазните на светот, во постојано молитвено бдение и во секакво воздржување, душевно и телесно, помогни нѝ и нам да го победиме секое искушение демонско од плотта, светот и ѓаволот напаѓајќи не‘ од младоста наша, и да ги победиме нив со молитва и пост. Ти во храмот Господов со Ангели пребивајќи, си се украсила со сите добродетели, со смирение, чистота, љубов и достојно си се воспитала да бидеш спремна за плотско сместување на Несместивото Слово Божјо. Удостој не‘ и нас опфатени од гордост, невоздржување и мрзливост, да се облечиме во секое духовно совршенство, да си подготвиме секој од нас со помош Твоја, брачна облека на душата своја и елеј на добри дела, да не се јавиме голи во сретението со Бесмртниот Женик наш и Синот Твој, Христос Спасителот и нашиот Бог, но да не‘ прими со мудрите девојки во рајските живеалишта. Таму со сите светии удостој не‘ нас постојано да Го славиме и прославуваме сесветото име на Отецот и Синот и Светиот Дух и Твоето секогаш милостиво застапување, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.*


Молитва за празникот кон Воведение на Пресвета Богородица во храмот

Кон кого да повикам, Владичице, кон кој да прибегнам во жалостите мои, ако не кон Тебе, Царице Небесна? Кој плачот мој ќе го услиши и воздишките ќе ги прими, ако не Ти, Пренепорочна, Надеж на христијаните, Прибежиште на нас грешните? Кој освен Тебе во бесчестието ќе не‘ заштити? Услиши го овој лелек мој и приклони го увото Твое кон мене, Владичице и Мајко на мојот Бог! Не презирај го оној кој ја бара твојата помош и не отфрлувај ме мене грешниот, Царице Небесна! Научи ме да ја исполнувам волјата на Синот Твој и дарувај ми копнеж секогаш да ги следам Неговите свети заповеди. Заради мојот ропот во болестите и трудовите и нечестието не отстапувај од мене, но биди ми Мајка и Покровителка на мене малодушниот. Царице моја Преблага, Усрдна Застапничке! Со Твоето застапништво покри ги моите прегрешенија, од видливите и невидливите непријатели заштити ме, срцата кои непријателствуваат против мене омекни ги и со Христовата љубов загреј ги. Мене немоќниот дарувај ми ја Твојата силна помош, за да ги победам моите гревовни навики, па очистен со покајание да продолжам со добродетелен живот, во општење со Светата Црква да ги поминам останатите денови од земното туѓинување. Застапи ме мене, Надеж на сите христијани, во часот на крајот мој, поткрепи ја мојата вера во тој тежок смртен час. Вознеси ги за мене, кој многу согрешив во овој живот, Твоите силни молитви по моето претставување, да ме оправда мене Господ и да ме направи заедничар на Неговата бесконечна радост. Амин.

Тропар, глас 4
† Денес е почеток на Божјата милост и на проповедта за спасение на луѓето. Во храмот Божји јасно Дева се јавува и Христа на сите им го предвестува. Нејзе и ние велегласно ѝ извикуваме:
Радувај се исполнување на промислата на Создателот!

Кондак, глас 4
Пречистиот храм на Спасителот, многуценетиот дворец и Девата, свештеното сокровиште на славата Божја, денес се воведува во домот Господов, благодат примајќи, оти е со Духот Божествен, па воспеваат Божјите Ангели: Таа е небесно живеалиште.

Величание
Те величаме, Пресвета Дево, Богоизбрана Девојко, и го почитуваме Твоето во храмот Господов Воведување.

Место Достојно, глас 4

Ангелите, воведувањето на Сечистата гледајќи го, се восхитија: како во слава влезе во Светињата над Светиите? До воодушевениот Божји Кивот ниедна скверна рака да не се допре, устите пак на верните кои Богородица немолчеливо, со гласовите на Ангелите ја воспеваат, со радост да повикат: навистина Си повисока од сите, Дево Чиста.

Крај, слава и пофалба на Бога!

 

 

Подготви: Сестринството на Манастирот Свети Јован Претеча Слепче