Академик Ѓорги Поп-Атанасов за трудот „Свети праведен Јоаким Крчовски“
Јоаким Крчовски е родоначалник на новата македонска книжевност, народен учител и проповедник. Автор е на пет книги, печатени помеѓу 1814 и 1819 г. во австроунгарскиот град Будим: „Слово исказаное заради умирание“, „Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова“, „Митарства“, „Чудеса Пресвјатија Богородици“ и „Различна поучителна наставленија“. Во овие свои книги Крчовски главно објавува свои проповеди, коишто во текот на својот активен црковен живот, ги читал во македонските храмови за време на поголемите црковни празници. Така во првата и втората своја книга тој објавува по две свои проповеди: Слово исказаное заради умирание, Слово заради свјатое исповедание, Слово заради страшен суд Божиј и второе пришествие Христово и Слово второе свјатаго пророка Даниила. За разлика од овие две книшки, коишто се мали по обем, во петтата своја книга „Различна поучителна наставленија“, печатена во 1819 г., тој објавува повеќе свои поучни слова, но и проповеди на истакнати црковни писатели, особено проповеди на св. Јован Златоуст. Оваа последна книга на Крчовски содржи и толкувања на делови од Евангелието, Апостолот и Псалтирот, Символот на
верата и неколку молитви. Книгите на Крчовски се главно од компилативен и преводен карактер, во коишто внесува и одделни свои размислувања во врска со црковниот и духовниот живот на православното христијанско население. Така, книгата „Чудеса Пресветија Богородици“, којашто со „Различна поучителна наставленија“, се најобемни книжевни дела на Крчовски, претставува превод на третиот дел од книгата „Амартолон сотириа“ на светогорскиот монах Агапиј Ландос Критски, печатена за првпат во Венеција
во 1641 г. Притоа, мошне веројатно е Крчовски, при подготовката на оваа своја книга, да се служел со нејзиниот црковнословенски превод, направен од светогорскиот монах од украинско потекло Самуил Бакачич и објавен во 1684 г., како и со преписот на „Чудата на св. Богородица“ што го направил во 1720 г. еромонахот Гаврил во Трескавечкиот манастир „Успение Богородично“.
Имајќи го ова предвид, иницијативата на сестринството на Слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“ да се објави книга за животот и делото на
Јоаким Крчовски, претставува насушна потреба и исклучително благороден чин, со којшто се оддава заслужена почит кон овој наш црковен деец и писател, кој целиот свој живот го посветил на духовната просвета и преродба на нашиот православен македонски народ. Книгата претставува научно-популарна студија за животот и делото на овој наш истакнат духовник, со посебен осврт врз неговото потекло, заснован врз етимологијата на неговото презиме Крчовски. Презентирани се сериозни научни аргументи во полза на тезата дека овој наш преродбеник потекнува од селото Крчово, во егејскиот Демир Хисар, спротивно на досегашното толкување дека
неговото презиме потекнува од турското име на градот Кичево и следствено на тоа неговото потекло треба да го бараме во населените места во Кичевскиот крај.
Во Книгата со наслов „Свети праведен Јоаким Крчовски“ се објавува и „Акатист на светиот и праведен отец Јоаким Крчовски“ во авторство на сестринството на Слепченскиот манастир. Акатистот е објавен на црковнословенски и македонски јазик, по што следуваат Молитва кон праведниот отец Јоаким и негов тропар, исто така, на црковнословенски и македонски јазик. Книгата завршува со тропар, кондак и величание на Јоаким Крчовски во придружба на источна и на западна нотација.
Особено битно е што еден дел од поучните слова на Крчовски се преведени на современ македонски јазик, со што нивната поучна содржина се доближува до денешните верни чеда на Македонската православна црква. На тој начин сестринството на Слепченскиот манастир го продолжува делото на праведниот отец Јоаким Крчовски, кој своите проповеди, исто така, ги пишувал и говорел во светите македонски храмови на разбирлив за верниот народ дијалектен говор.
Академик Ѓорѓи Поп-Атанасов