Дали постои молитва за тие што имаат потешкотии да стапат во брак?
Прашањата што ги поставувате на нашата страница, секогаш имаат духовна основа во одговорот, бидејќи сите состојби на човекот почнуваат од нивните духовни состојби.
Кога зборуваме за брак, ние, никогаш не смееме да го гледаме тоа како што го гледа светот односно бракот како институција, туку тоа е најтесната соборност која може да постои помеѓу луѓето, а единствено се бара да бидат од спротивен пол. Господ го благословил тоа заради поддршка на мажот и жената во пронаоѓање на нивните слабости, страсти и пороци, едноставно мажот и жената треба еден со друг да се надополнуваат во текот на целокупниот период од нивниот брак.
Ова го истакнавме на почетокот за да ти посочиме една потреба која секој од нас треба да ја примени на себе, односно согледување на самиот себе. Ако твојот живот духовно не е среден, ти не си во состојба да стапиш во брак, бидејќи засега постои сеуште не завршена состојба, која бара да почнеш да се концентрираш на своите слабости, а ти би сакала да понесеш дел од бремето и на друга личност.
Затоа на прашањето дали постои молитва за тие што имаат потешкотии да стапат во брак, одговорот е дека не постои таква молитва, туку постои пат кој треба да се изоди за да се стигне до изборот - дали ќе продолжиме со уште еден сопатник во животот и заедно ќе се трудиме кон спасение или не.
Тој пат кој треба да се изоди подразбира средување на духовниот живот и доаѓање до спознание на целта која треба да ја имаме во нашето живеење.
Секое поинакво тежнеење кон тоа кое светот го нерекува брак, ќе биде измачување кое луѓето го увидуваат некогаш на почетокот на бракот, некогаш во одминати години, а некогаш при крајот на животот кога ќе сфатат дека од тој брак бел ден не виделе.
Слепченски Претеченски манастир